Прв Интернационалниот Симпозиум за аритмии – RhythmMк 2025

август 28, 2024

Почитувани колеги,

Во името на Работната група за срцеви аритмии и електростимулација, во склоп на Македонското Кардиолошко Здружение и во име на Клиниката за кардиологија – Тимот Аритмии, со големо задоволство ве покануваме да учествувате на  Првиот Интернационалниот Симпозиум за аритмии  – RhythmMк 2025 – Нов милениум во електрофизиологија и срцева електростимулација, кој ќе се одржи од 30-ти Мај до 1-ви Јуни, во Скопје, РС Македонија.

Овој симпозиум има за цел да ги обедини сите млади доктори, интернисти, кардиолози и медицински техничари кои имаат желба да се посветат на нарушувањата на срцевиот ритам од нашата држава, регионот и пошироко, и во тек на овие 3 дена да ги разменат сопствените искуства, дилеми, знаења, како и да црпат знаење од врвните аритмолози од регионот и светот.

Аритмологијата како субспецијалност од кардиологијата бара голема посветеност, трпение и многу работни саати до постигнување на потребното ниво на знаење. Секој тип на нарушување на срцевиот ритам е уникатен и секое споделено искуство е бесценето.

Со формирање на „Тимот Аритмии“ на Универзитетската Клиника за Кардиологија се даде шанса на ентузијазмот на младите доктори да бидат лидери во осовременување на начинот на лекување на пациентите со аритмии и следење во чекор на светските трендови. Работењето со аритмии бара широки познавања од областа на медицината, кардиологијата, електротехниката, новите технологии за мониторирање и лекување на аритмиите. Токму затоа широко ги отвораме вратите за сите доктори кои сакаат да отидат уште еден чекор понапред во кардиологијата.

Очекуваме голема посетеност, затоа што ќе се погрижиме овој симпозиум да биде интересен за електрофизиолозите, кардиолозите, интернистите, за специјализантите по кардиологија и интерна медицина, како и сите останати доктори, медицински техничари и медицински професионалци од областа.

 

Проф. д-р. Лидија Попоска
Претседател на Организационен Одбор
 
Проф. д-р. Јорго Костов
Претседател на Кардиолошко Здружение
 
Доц. д-р. Јане Талески
Претседател на Научен Одбор
 
Прим. д-р. Беким Поцеста
Директор на Клиника за Кардиологија